Малку се два животи
Posted in Некатегоризирано on декември 31st, 2009 by harryhallerМиле Кузмановски – Малку се два животи
Сонови ко возови
Скитаат, ме викаат
Откако си моја ти
Малку се два животи
Се’ што побарав од тебе Господе
Ти ми даде од срце
Ако не можам себап да ти вратам
Црква ќе ти позлатам
Се’ што побарав од тебе Господе
Тие очи за мене
Ќе ти бидам слуга дури можам
Сакам да се оддолжам
Кога си до мене ти
Живеам, верувај ми
Љубовта е Библија
Книга недочитана
Се’ што побарав од тебе Господе
Ти ми даде од срце
Ако не можам себап да ти вратам
Црква ќе ти позлатам
Се’ што побарав од тебе Господе
Тие очи за мене
Ќе ти бидам слуга дури можам
Сакам да се оддолжам
Се’ што побарав од тебе Господе
Ти ми даде од срце
Ако не можам себап да ти вратам
Црква ќе ти позлатам
Се’ што побарав од тебе Господе
Тие очи за мене
Ќе ти бидам слуга дури можам
Сакам да се оддолжам
Сакам да се оддолжам
Сакам да се оддолжам
Сакам да се оддолжам
Татко му
Posted in Некатегоризирано on декември 5th, 2009 by harryhallerТатко му објаснуваше дека е фасциниран од правоаголната форма на кутијата цигари. Умешно знаеше да ја врти, поставувајќи ја под некој агол на рамната површина на масата и само ќе ја поттурнеше со прстот, а таа послушно се вртеше под неговата дланка.
Кога одеше на родителска, татко му го советуваше да се облече убаво, да стои исправен, да биде намазнет во косата. Ниту еднаш не го праша дали е сигурен во песничката што требаше да ја рецитира.
Кога замина на курс за автолакери во Словенија, баш во таа една недела се јавил некој муштерија дома. Откако татко му му објаснил дека тој е оваа недела во Словенија, не заборавајќи да се пофали дека таму е избран за автолакер на месецот, муштеријата рекол дека е штета што не е тука, затоа што сака баш тој да му ја лакира колата.
Откако се врати од Словенија, татко му просто го натера да му се јави и да му се заблагодари за довербата и убавите зборови. Колку и тешко да му паѓаше таа наредба на татко си, ја исполни. Тоа и не беше баш наредба (ах колку полесно ќе беше се, ако беше наредба), но беше некој чуден ултиматум: Или ќе се јавиш, или ќе ме разочараш, навредиш, повредиш…
Еден ден им дојдоа гости. Ги пречекаа со татко му. Со ракија и мезе.
И муабетот потече.
„И навистина ли е Словенија толку напредна?“-директно прашање
„Напредокот е во нашите очи уште поголем, затоа што отстрана….“-синот не успеа да ја заврши реченицата, кога татко му го прекина:
„Гледај, гледај какви реченици употребува: Напредокот е во нашите очи уште поголем. А што викаш, а?“
Татко му не се интересираше што кажува, но како кажува. Формата му беше поважна од содржината. Секогаш. Зошто татко, зошто?- сакаше да го праша.
Но знаеше дека нема да добие одговор, туку само:
„Ах, како добро го нагласи тоа „зошто“.
Луда среќа
Posted in Некатегоризирано on декември 4th, 2009 by harryhallerУтро, кафе и весник. Сфатив колку многу сме среќни. Колку многу лудо сме среќни.
Кафе: Горко, без зрно шеќер
Весник: „Научниците тврдат дека има живот на други планети“
Утро, кафе и весник.
Имам мир да шмркам полека од кафево и миризбата да ја исполнува нашата соба. Среќа.
Живееме на иста планета, ти и јас. Среќа, луда среќа!
Барам мирис
Posted in Некатегоризирано on декември 4th, 2009 by harryhallerКолкупати само среде ноќ ме разбудувал мирисот на липите од мојот роден град. И тука, сред овие зими, ќе доползи под моите ноздри, кои ширум ќе се отворат за колку што може подлабоко да ги исполнам градиве со него. И ништо. Пуста желба.
А таа пустата расте, расте и притиска. И еден ден, кога толку многу ќе порасне што секој обид за спротивставување е залуден, не ми останува ништо друго, а да се фрлам по потрага за авионски билет до мојата Македонија. И заминувам. На 3 или 4 дена, довлоно. Само да го вдишам оној мирис навистина, па да се вратам назад.
И секојпат така. Се си се повторува, се додека еден ден не престане овој круг.
И стигнувам во Македонија и секојпат се прашувам што се случува со мојот сон. Јас сум го измислил, никогаш ли не постоел, или мојата земја толку се сменила што не ја ни препознавам.
„Гледам си се пишал судски преведувач на интернет. Малку ли пари ти се во странство, па сакаш и тука да заработуваш?“ – полунашега, полу на злоба ми вика еден колега.
„Се згрешил со ракописот. Ете, ќе замиенте од Македонија и си го заборавате јазикот“- дофрла друг.
„Колку пари земате таму, ако не е тајна?“
Колегите се испокарале меѓу себе. Се запишале на магистратури, докторати, специјализации. Ги молзат, се молзат.
Оние што завршиле факултет наставна насока се нарекуваат „ПРОФЕСОРИ“. Така им стои и во дипломата.
Во Германија се чудеа како луѓето стануваат „ПРОФЕСОРИ“ во Македонија. Како се тепаат за титула, за престиж. Учиш, учиш со години, правиш 30 години, учиш, продолжуваш, незаситен си, титули, престиж, инает. Трошиш пари а немаш можност да заработиш. Уште едно скалило погоре, уште едно погоре, ама изгледа не сфаќаш дека прескапо го плаќаш времето со својата желба за престиж.
И гледам трка, наптревар. Гледам се, само мир не.
И ќе поминат тие три или четири дена, и ќе се прашувам кој е одговорот и што ги тера вака да ме прашуваат?
„Море сега ги укинаа визиве. Само моја нога да стапне таму, ќе видат тие што е македонец.“ -дофрла трет и ми ги отсекува мислите.
Се вратив назад. Мирисот на липите не го најдов. Најдов само отворена канализација.
Fiat Lux
Posted in Некатегоризирано on декември 1st, 2009 by harryhallerСите шеесет дела глаголат за тебе. Боже во центарот на Бесконечноста си, Крајот и Почетокот се едно.
Бели Мугри над оваа земја, од ова небо, во оваа вселена.
Fiat Lux, Fiat Lux, Fiat Lux.
Почивајте во мир
Posted in Некатегоризирано on ноември 29th, 2009 by harryhallerПочивајте во мир, вие кои сте суште живи додека ги типкам зборовите на овој пост. Почивајте во мир, вие кои веќе утре ќе бидете дел од црната хроника на дневната штампа. Вие, чии тела утре ќе лежат во обдукциска сала, или веќе во својот вечен дом, вие кои оваа ноќ сте живи, а утре веќе не.
Хармоника
Posted in Некатегоризирано on ноември 28th, 2009 by harryhallerНикогаш не сакав да сфатам дека син ми се отсели. За кого двокатната куќа, за кого широкиот двор,со кого ќе зборувам за политика, со кого ќе го пијам виното од дрвената бочва што ја наследив од мојот татко, за кого сите планови?
Секогаш беше само привремено отсутен. На студии, на магистратура, на екскурзија.
Веќе 5 години живее на Исланд. Минатото лето со себе ја понесе хармониката. Стоеше во неговата соба, старите спомени од неговото детство беа покриени со прашина низ годините во кои не ја служеше.
Сега одненадеж реши да ја земе со себе. Отпрво не обраќав поебно внимание на тоа. Сега знам дека засекогаш си замина. Ќе се врати само како гостин.
И така бидува. Ќе ги родиш, воспиташ, образуваш и ќе ти одлетаат.
И така бидува. Ќе тажиш и ќе ги слушаш старите приказни како мора да ги пуштиш, како не смееш да бидеш егоистичен, истите стари приказни зачинети со понекоја мудрост, а погледот на празното место каде што десетина години стоеше хармониката ќе ти лути дирекно на срцето.
Варшавски саати
Posted in Некатегоризирано on ноември 24th, 2009 by harryhaller
Седиш на вц шољата и го пишуваш текстов, пакосно радувајќи се што така едноставно ќе им го шитнеш под носот на сите, но никој нема да го прочита и така ќе остане само твој. Исто како да си заборавил да ја заклучиш влезната врата кога си заминувал на одмор, но крадците не провериле, не верувајќи дека толку лесно може да влезат во твојот дом.
Разгледница
Изгледаше дека сонцето уште долго долго ќе се двоуми дали да изгрее тој ден, па во неговата недоумица, сивилото на околните блокови доаѓаше до полн израз. Варшава, ноември. Сив асфалт, сиви згради, сиво небо, сиво долго палто, работничко, обесено на закачалката крај дрвената врата. Стан бр. 8. Хотелот
На ниската масичка писмо адресирано до Војцек Касмарчек. Не успеа да прочиташ до крај на овој полупознат јазик. Единствено што разбра беше дека писмото беше адресирано до некаков институт. Здравствен? Научен? Какви ли уште има?
И сред ова Варшавско пладне, донесена преку Мрежата што ги поврзува разделените долета звук познат од некое друго време. Лиза Екдал не знае ништо и пее за своето незнаење. И како да ја вклопиш таа шведска мелодија во овој свет што те опкружува? Седнуваш на вц шољата и пишуваш. Само така можеш да го поднесеш невкусниот микс на времиња што се мешаат во твојата глава.
Сегашност, одамнешно минато, не така одамнешно минато, вчера, лани, оваа земја, онаа земја, оној град, овој студентски дом, оние очи, оној јазик. Оној јазик, ах, колку ли само ги има, колку се слични сите под површината. Немоќни, а спремни за исмевање и повредување.
Пишуваш. Носен од звуците мелодијата од Лиса Екдал, пишуваш седнат во вц-то. Оваа песна нераскинливо е поврзана со Андреас, детето со посебни потреби. Знаеш дека никој нема да го разбере овој текст освен тебе. Никој не го познава Андреас, ретко кој слушнал за Лиса Екдал, кој ли знае каде е стан бр. 8 во најсивата улица на овој свет?
Преку отворената врата на вц-то (никогаш не се научи да сереш со затворена врата) го здогледуваш огромниот хартиен лустер во спалната. Личи на балон, несмасно поставен сред таванот. Секогаш му се потсмеваше, ама залудно. Тој не си замина. Напротив уште посамоуверено те нервираше со своето смирено присуство. Изгледаше дека твојата нерамнодушност кон него му даде смисла на неговото постоење.
Полека се одвлекуваш во дневната соба, со лименка „Жубр“ во раката.
На телевизија има слика без тон. Неможеш да го најдеш далечинското, па гледаш некој азиатски диригент што театрално мафта со рацете и објаснува нешто на младата репортерка.
Триесет и деветти спрат. Хотел „Мариот“ спроти железничката станица на Варшава.
Полупијан лежиш во креветот. Далечинското е тамам толку далеку што неможеш да го дофатиш. На тв истиот азиатски диригент, истата емисија. Повторно нема тон. Сега ќе ја испружи раката нанапред, во стилот на Хитлер.
Ресторанот
„Shiny happy people“ те пречека во ресторанот. И повеќе не си во Варшава, но еве се гледаш себе си, гладен студент како се влечка по главната улица пред Гоце, крај „Интерактив“ што мириса на скара, а ти немаш пари да си купиш ни пакетче смоки. Погледнуваш во кафаната, а внатре луѓе, јадат, пијат, викаат.
„Shiny happy people” помислуваш.
На почеток
Се погледнуваш во огледало. Се намножиле симболи во твојот живот. Секоја брчка те потсетува на нешто. И ништо не си научил, па и како би? Како би научил кога овој живот ти изгледа така досаден и се повторува се од почеток, што не успеваш да ја видиш разновидноста во него. Парадокс до парадокс. А ти климаш со главата и безобразно викаш:
Разбирам.